Билјана Црвенковска и „Чудна шума“

Билјана Црвенковска е писателка, сценарист, преведувачка и уредник. Ја препознаваме по приказните од „Светот на Биби”, романите за деца „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња” и „Што сонуваше Дедо Мраз”, илустрираните романи за деца од серијалот ТКЦП и уште многу, многу други сликовници и книги со активности.

Како главен уредник во новата издавачка куќа Чудна шума, разговаравме со Билјана за нивните први изданија, за концептот на Чудна шума, но и за нејзиниот најнов роман – „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград”.

 

М: Здраво Биби. После толку многу соработки во различни проекти, авторски изданија за други издавачи, пишување на текстови за повеќе книги и сликовници за деца, сценарија за ТВ серии за деца и уште многу, многу други работи – конечно оформи и своја издавачка куќа. Ќе ни раскажеш ли како настана Чудна шума?

Б: Целиот мој живот се занимавам со пишување на различни нешта, од новинарски текстови, реклами, поезија, драмски текстови до книги и сценарија. Последниве шест години интензивно пишувам книги за деца: романи, сликовници, книги со активности, раскази и песнички. Иако во последно време повеќе работам како сценарист, сепак книгата е моја прва љубов и имав потреба моите авторски дела, пред се романите кои ги пишувам и кои бараат многу повеќе енергија, ангажман и години работа – да ги работам со темпото кое мене ми одговара, на начин кој мене ми одговара и да изгледаат онака како што јас ги замислувам (или како што ги замислуваме со коавторот-илустратор).

Тоа значеше само едно – самата да бидам издавач на моите книги. И така се зачна идејата да се оформи Чудна шума. Без никакво специјално посериозно размислување, едноставно бев решена да си ги издавам моите книги. Но, како што секогаш бива – нештата знаат да излезат поинакви од што планираме. Ми се придружија неколку пријатели кои бараа издавач и Чудна шума почна да прераснува во нешто вистинско и опипливо – во мал и независен издавач.

 

М: „Книги за деца, вечни деца и други ретки ѕверки што љубат квалитетна книжевност” е реченицата која ја објаснува Чудна шума. 😊 Кои жарнови ќе ги сретнеме низ Чудна шума? На што е фокусот?

Б: Фокусот е на книжевноста за деца – домашни автори и преводна литература. Тоа ќе бидат некои 90% од нашите изданија. Но, решивме да издаваме и дела од домашни автори кои не се за деца. Веќе имаме две збирки поезија, еден роман е во подготовка, за следната година планираме уште две збирки поезија…

Без разлика на жанровите, решени сме да немаме многу изданија, но да бидат квалитетни. Кога зборуваме за квалитет, мислам и на содржината, но и на изгледот на книгите – од илустрација и дизајн на корица, до хартијата која ќе се користи. Затоа и соработуваме со најдобрите илустратори и дизајнери. Зоран Кардула и Ване Костуранов се креатори на визуелниот идентитет на кориците за две наши едиции, а планираме да вклучуваме и други креативци.

На секое издание и на секој автор сакаме да му го посветиме вниманието што го заслужува. Се надевам дека до крај ќе останеме верни на оваа наша мисија.

 

М: Чудна шума во следниот период ќе промовира 5 наслови. „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград” или книгата која се чита од наопаку е првото издание кое излезе од печат, па би можела ли да ни раскажеш повеќе за неа?

Б: Sвезда Мрак е лик на кој работам три години и ова е мојот прв роман за неа, но не и последен. Би сакала да прерасне во цел серијал. Автор на илустрациите е Нита Муча, со која се дружам речиси цел живот и отсекогаш сакав да работиме нешто заедно. Но, барав приказна која ќе одговара на нејзиниот стил. И, размислувајќи за тоа, се роди Sвезда Мрак. Девојчето кое е сираче и живее во град во кој живеат „страшни” суштества – односно, навидум страшни, а инаку премили и предобри.

Sвезда Мрак е, всушност, приказна за прифаќање на различностите. Приказна за предрасудите и нивното надминување. Приказна за инклузија на оние кои се поинакви. Иако е тоа фантастична приказна, таа е премногу јасна во пораките кои сака да ги пренесе низ тој вел на мистерија, бајковитост и готски мрак. Пораката е присутна не само низ страниците на книгата, туку и целата нејзина форма е „поинаква”. Книгата се чита од наопаку затоа што понекогаш работите треба да ги погледнеме од друг агол за да може да ги разбереме.

 

М: Кои се останатите наслови во издание на Чудна шума?

Б: Има уште две книги за деца – сликовницата „Азбукварка”, авторски проект на илустраторката Наташа Костовска и писателот за деца Ванчо Полазаревски и романот „Полиана” на Еленор Х. Портер, една безвременска приказна за деца – книга која е задолжителна литература во речиси секоја земја во светот. Приказна за едно девојче без родители чиј ведар дух и оптимизам ги прави подобри луѓето во нејзината околина. Корицата на книгата е дело на Ване Костуранов.

Останатите две книги се збирки поезија – „На погрешната страна”, дело на Пајо Авировиќ, кој е добитник на престижната награда Роман на годината на Утрински весник во 2005 година за неговиот роман „Џахиз и истребувачите на кучиња” и збирката „Младите стихови на стариот поет” на Гето Руди.

 

М: Што да очекуваме од Биби во 2020 година и понатаму?

Б: Чудна шума планира нови изданија, секако. Со младата илустраторка Сања Симоска подготвуваме сликовница за мали деца со слична порака како онаа во Sвезда Мрак, но симплифицирана и прилагодена на предучилишна возраст. Секако, ќе има и други изданија, малку повеќе преводна литература, ќе имаме и една прекрасна холандска сликовница… мислам дека не чека убава година.

Но, на страна од Чудна шума, Биби нема да запре. Тука се приказните за другата Биби, една Пет плус фамилија на која ѝ се придружив во последнава сезона, еден Зоки Поки кој треба допрва да расте, и уште многу други проекти што чекаат да се родат, се разбира.

 


РАЗГЛЕДАЈ

РАЗГЛЕДАЈ


РАЗГЛЕДАЈ


РАЗГЛЕДАЈ


РАЗГЛЕДАЈ