Интервју со Александар Ношпал за Независен весник

Фото: Мартен Шекс

Во интервју за Независен весник, Лејла Сабит разговара со Ношпал за тоа како индустријата за облека се прилагодува на новите услови, дали ќе се врати времето на високата мода и зошто Ношпал Митра Limited Edition е женски проект.

Л.С. Ѝ се враќате на „ready-to-wear“ модата, креирајќи мини-колекција во соработка со онлајн продавницата Митра. Дали еден креативец воопшто може да си замине од своето „модно поле“?

А.Н. Очигледно не, никогаш! Или, како што вели поговорката, „Никогаш не вели никогаш“. Мојата последна колекција беше онаа за Кара во 2005 година наречена „Револуција-Еволуција“. Од сегашен аспект, по 15 години, многу интригантен наслов. Дали се случи модна револуција, дури и на глобално ниво? Јас мислам, да: од сцената си заминаа неколку великани, се појавија нови дизајнерски имиња, некои брендови се издигнаа, некои западнаа во длабока сенка; се појавија нови имиња на модното небо. Дали се случи еволуција во мојата кариера? Нормално, магистрирав во Лондон, се посветив на едукација, работев како професор во и вон земјата, дефинитивно се насочив кон костимографијата, не само македонска туку и европска. Имаше периоди кога во Германија, Швајцарија, Хрватска… работев повеќе отколку во Македонија. Сепак, во мојата потсвест модата очигледно си – тлееше! Затоа од своето портфолио никогаш и не го бев избришал префиксот „моден дизајнер“, пред оној „костимограф“.

Л.С. Дали тоа значи дека не е време за висока мода, или потребите на пазарот се поинакви?

А.Н. Високата мода одамна „изумира“, таа е привилегија на големите брендови како што се Шанел и Диор. Погледнете ја модната недела на висока мода и ќе ви стане јасно. Лагерфелд веќе го нема, Готје годинава ги затвори вратите на неговото ателје за висока мода, но затоа Галијано го презема Марџела, а Марија Грација Кјури го воскресна Диор. Се појави неверојатната Ирис Ван Херпен, за мене наследничка на Меквин. Повеќе или помалку, тоа е тоа во високата мода. Очигледно живеемe во еден брз свет на консумеризам. Таква стана и модата. Денес веќе сѐ е поинаку.

Л.С. Се прилагодувате на условите на корона-вирусот како тимски играч, а не како индивидуалец. Како воопшто дојде до соработката за колекцијата Ношпал Митра Limited Edition?

А.Н. Оваа колекција е настаната како резултат на многу фактори. Театарот се затвори, проектите се откажаа или се одложија. По една успешна сезона во која патував од едниот на другиот крај на светот, немајќи време дури ни да ги препакувам куферите, се најдов во ситуација да седам дома. Условите драстично се променија. Ама потребата за создавање остана. Малкумина знаат дека околу мене постојат неколку личности, повеќето жени, кои постојано ме поддржуваат во секој сегмент од моето постоење, работење и креирање. И овој проект настана со помош на нивниот ум, совет и упорност. Јас велам: Ношпал Митра Limited Edition е женски проект, односно проект на жените околу мене. Платформата Митра ја создаде моја блиска пријателка пред нешто повеќе од една година: и таа е новороденче. Во моментот кога се случи пандемијата, сфативме дека треба да си помогнеме еден на друг. И така настана овој проект.

Л.С. Како и зошто ги одбравте Надица Георгиева и Веда Евтимова за заштитни лица?

А.Н. Изборот не е случаен. Се концентрирав, пред сѐ, на моите долгогодишни соработници Моделс Ин, чијшто сопственик (еден од сопствениците) е и самата Надица Георгиева. Понатаму, во разговор со Надица, сфативме дека убаво е да ја презентираме историјата на Моделс Ин, а воедно и да се обратиме на две целни групи:

Надица е една од првите модели во Македонија односно поранешната Југославија, има интернационална кариера и, со формирањето на Моделс Ин, ја зацврстува платформата на првата модна агенција во Македонија, која денес соработува интернационално. Таа денес е жена, мајка и им се обраќа на луѓето односно клиентките од нашите генерации. Тие се нашата прва целна група. Втората е онаа околу Веда Евтимова, едно од најновите и најмладите лица на агенцијата. Има 16 години, со својата младост, свежина и актуелна убавина ѝ се обраќа на помладата генерација, на девојките што сакаат да ги носат овие модели во посекојдневна и поопуштена варијанта.

Некои модели на сликите се комплетно исти во материјал и крој, но во боја и стајлинг изгледаат тотално различно на двете. Токму во тоа е и убавината на оваа колекција: адаптабилна кон возраста и стилот.
 

Остатокот од разговорот е достапен на Независен весник:

ПРОЧИТАЈ

Колекцијата Ношпал Митра Limited Edition е достапна тука:

РАЗГЛЕДАЈ