Росица Мршиќ: Брендот е приказна на мојот личен стил

Росица Мршиќ е интернационално етаблирана модна дизајнерка и бренд со современ, софистициран и деликатно скулптурен стил. Нејзината естетика е препознатлива по смелиот, но и женствен потпис со прецизна изработка и опуштена изгладеност, што ја рефлектира нејзината визија за силни и самосвесни жени следбенички на иновативната и безвременска естетика.

Основан во 2009 година, Росица Мршиќ е првиот македонски моден бренд кој работи по принципот на одржлива и бавна мода, и создава автентични модни приказни и колекции. Низ целиот период на работење, брендот создава лимитирана, висококвалитетна мода која има минимум импакт кон животната средина и работи по фер и етички стандарди.

Работата на Росица ја следиме со години и ептен нè радува што нејзините суптилни, но истовремено моќни парчиња се сега достапни за купување онлајн на МИТРА.

Со цел да го прославиме лансирањето, си направивме муабет со дизајнерката за почетоците на брендот, за процесот на создавање колекција, за тоа што ги соединува жените кои постојано им се навраќаат на нејзините дизајни, но и за тоа колку нејзиниот личен стил се поклопува со уникатната естетика на нејзиниот префин и секогаш софистициран моден бренд.

Кажи ни за почетоците на твојот бренд…

Брендот Росица Мршиќ е основан во 2009 година како одговор на потребата на македонската модна сцена за нов и иновативен бренд со космополитска безвременска естетика, кој ќе работи по принципите на одржлива и еко мода и ќе придонесува за одржување на животната средина. Уште на почетоците имавме добар одговор од локалната модна публика и тоа ни беше мотив сите овие години континуирано и посветено да продолжиме да работиме на развој и надградување на брендот.

Како изгледа твојот процес на создавање колекција?

Процесот на создавање на една колекција трае околу 3 месеци. Првата фаза е градење на концепт и дефинирање на идеја за колекцијата, врз основа на што се бираат и нарачуваат материјали од различни земји низ светот, по што се подготвуваат дизајните и изработката на прототипи. Кога колекцијата е целосно подготвена и се дефинирани модните додатоци кои стилски ја оформуваат истата, се пристапува кон фотографирање, изработување на „look book“ и промоција на истата.

Твоите колекции се совршена комбинација на структурираност и женственост, а твојата естетика е уникатна и секогаш препознатлива. Што ги соединува жените кои одново им се навраќаат на твоите дизајни?

Жените следбеници на Росица Мршиќ брендот ја сакаат необичноста и уникатноста на нашите дизајни. Секое парче создадено кај нас е секогаш внимателно креирано, со многу внимание и посветеност, и истото се носи многу сезони. Таа безвременска естетика во комбинација со впечатлив, но ненаметлив и софистициран изглед е нашиот адут кој секоја сезона им се обраќа на вистинските љубители на модниот дизајн.

Како би го опишала твојот личен стил? Дали целосно се поклопува со естетиката на твојот бренд?

Мојот моден стил е во линија со она што го создавам – урбана естетика која е безвременска, опуштено префинета и наклонета кон минимализмот, но со експресивни, необични и храбри детаљи, без премногу гласни бои и нападни шари. Јас сум вистински љубител на архитектонскиот, скулптурален и чист израз кој се допира со романтичниот и женствен „look“. И да, брендот е приказна на мојот личен стил.

Што те инспирира? Кои ти се омилените веб-страници, списанија, музики, серии, филмови?

Инспирацијата се менува и зависи од личните интереси во одреден период. Инспирацијата ја наоѓам насекаде, и држам очи широко будни. Следам и се информирам за сите креативни дејности, уметности и новитети во светот со фокус на дизајнот. Моето омилено списание уште од студентските денови е „I-D“, слушам електронска музика, но и винтиџ блуз и џез, во последно време гледам претежно документарни филмови поврзани со мода и дизајн, следам сè што ја надополнува мојата визија за убавина и креативно изразување.

Колку често пазариш онлајн?

Во последно време најмногу купувам онлајн. Ја сакам удобноста на онлајн пазарењето затоа што ми овозможува да пазарам кога сакам и да посветам онолку време колку што имам на располагање, без да го чувствувам притисок дека треба веднаш да донесам одлука.

На што работиш во моментов? Како се справуваш со моменталната ситуација?

Во моментов сум посветена на продолжена промоција на последната „Colorscape“ колекција која ќе биде достапна на неколку онлајн платформи. Се подготвувам и да ја дефинирам насоката на новата колекција која ќе биде промовирана во претпразничниот период. Новонастаната ситуација заради пандемијата наметна нови текови и начини на работење, па и брендот постепено се адаптираше на новонастанатите услови. Тоа што беше предност во овој транзиционен период е дека Росица Мршиќ има своја дигитална продавница која доставува низ целиот свет уште од 2014 година, па потребни беа прилагодувања кон начинот на работење за заштита и преземање превентивни мерки кон тимот.

CLAIRE ФУСТАН


КУПИ СЕГА

ESTE СУКЊА


КУПИ СЕГА

LUCILE ФУСТАН


КУПИ СЕГА

ABSTRACT ТОП


КУПИ СЕГА

ISABELA ФУСТАН


КУПИ СЕГА