Мирко Попов зборува за неколку македонски плочи издадени од ПМГ Рекордингс

Винил. Романтизирање на минатото, фетиш, или потреба за поквалитетен звук?
Да одговорам веднаш: од сè по многу и уште повеќе 🙂
Љубителите на квалитетниот звук знаат за што се работи, но љубопитноста на младите слушатели е исто толку важна.
Потребата за култивирано секојдневие е убавица, а скопската дискографска куќа ПМГ Рекордингс, чувствува токму одговорност да одговори на таа потреба.
Како дел од уникатната понуда на ПМГ Рекордингс од над 200 изданија на современа македонска музика, се издвојува „Винил Фетиш“, специјализирана линија за винил понуда.
Квалитетна, современа, неодминлива домашна музика на плочи.
Молам за внимание.

Александар Пејовски – Selected Works Vol. 1

Александар Пејовски е водечки композитор на современа класична музика во Македонија. Препознатлив по својот модерен и еклектичен израз, тој ужива огромно реноме помеѓу вистинските познавачи на овој тип музика. Во последниве десетина години, создаде и издаде фасцинантен број на извонредни дела. Освен по своите композиции кои редовно ги изведува Македонската филхармонија, познат е и по компонирање на музика за филмови, меѓу кои најзвучни се: „Скопје Ремикс“, „Три дена во септември“, „Панкот не е мртов“ и „Година на мајмунот“. Оваа плоча е пресек на некои од неговите најквалитетни и најубави композиции од изминативе десетина години. Совршен избор за музичките и винил сладокусци.


НАРАЧАЈ ВЕДНАШ

ПМГ Колектив – До Небото Замок

ПМГ Колектив, еден од нашите најквалитетни современи бендови, ве кани на несекојдневна сонична авантура. Нешто навидум на приказната со Џек и волшебниот грав. Од моментот кога ќе ја положите иглата на плочата, па сè додека се најдете високо на небото, ве делат само 40тина минути 🙂
Од речиси „изумрен вид“, во последниве неколку години винилот прерасна во омилен носач на звук за култивираната слушачка публика. Македонските винили веќе не се толкава реткост, но реткост е ваквиот ултра модерен пост/техно поп звук, кој го носи осмиот по ред албум на скопските ПМГ Колектив. Совршена музика за интимен танц. Интроспективно и медитативно. Токму за миговите кога сакате да се сокриете од токсичното секјдневие.


НАРАЧАЈ ВЕДНАШ

Црнила Ремикс

„Црнила“ е своевиден врв на македонската класична драма и нераздвоен дел од нашиот идентитет. Најновото театарско видување на овој драмски текст, поставено од нашиот реномиран актер и режисер Јордан Симонов, е голем хит во последниве години. „Црнила“ е вистински хип-хоп мјузикл, кој оригиналниот текст го претвора во современа рап бајка, сосем разбирлива за новите генерации, кои буквално бараа билет повеќе за секоја изведба. Препевот и музиката се мајсторски изработени, а за автентичниот хип-хоп израз, одговорни се „Зад Аголот“ продукција. Вистински луѓе на вистинско место. Резултатот е вистинско освежување на класичната „Црнила“ приказна и нов, ултрамодерен хип-хоп-рап македонски винил. Историско издание во секој случај. Вистинска драгоценост за вашата домашна колекција.


НАРАЧАЈ ВЕДНАШ

Крај Вардарот Џез – Разни Артисти

Македонскиот џез отсекогаш бил автентичен и сериозно квалитетен. Секоја генерација носела своја енергија и печат. Извонредно интересна е и новата македонска џез сцена, која изобилува со млади таленти, кои се веќе препознатливи музичари, редовно издаваат албуми и свират концерти. ПМГЏЕЗ е дискографска куќа која го забележува и промовира токму овој нов бран џезери кои владеат со локалната сцена. „Крај Вардарот Џез“ е неверојатно квалитетна винил компилација на актуелни џез артисти кои работат во земјава. Стилски различна, но висококвалитетна музика, која раскажува една возбудлива и современа џез приказна. Авантурата започнува со фри, продолжува со етно и техно џез, а завршува со вистинска шлагер топлина. Дами и господо, време е за отворање на она скапо шише вино кое го чувавте за специјални прилики. Време е за македонски џез.


НАРАЧАЈ ВЕДНАШ

Ние Сме Скопје – Разни Артисти

„Ние сме од Скопје“ е песна-симбол на скопската младина во последниве две децении, но и обединувачка идеја за љубов кон градот во кој живееме. Приказната започна пред 15-тина години, кога ПМГ Колектив го објавија овој сингл во повеќе верзии, од кои ремиксот на легендарните Д Џон стана вистинска градска химна. Нема кој не ја знае: 1, 2, 3, 4, 5, ние сме… Во меѓувреме „Ние сме од Скопје“ стана препознатлива максима, која го краси влезот на култниот МКЦ Скопје, епицентар на културниот живот во градот. Се чини дојде време за нов поглед кон истата идеја. Сосем нов винил, со комплетно нови 9 верзии на песната, изработени од некои од најквалитетните музичари кои во моментов работат во нашиот главен град: Градски Дувачки Оркестар, Плутос Даутс, Кантон6 Трио, ПМГ Колектив, Искра, Барум Барум, Диџеј Магија, Лепи Џони и Александар Велики. Неверојатно добра плоча. Совршен саундртак на секој весел роденден. Совршен подарок за секој Скопјанец, па и Скопјанка 🙂


НАРАЧАЈ ВЕДНАШ